Познатиот македонски виолинист Ѓоко Николовски, долгогодишен концерт мајстот на оркестарот на Македонската опера и балет – МОБ и најстар активен виолинист на овие простори, кој за неколку дена ќе влезе во 92 година од животот, се’ уште со големо внимание ги следи настаните на фестивалот „Охридско лето“, кон кој, како што вели, има посебни чувства, оти учествувал на него и го прати уште од самите почетоци.
-Охридско лето е врвна културна манифестација во светски рамки, која мора да ја чуваме и негуваме соодветно. – вели Николовски.
Иако во поодминати години, тој не ја пропушти приликита да биде на отворањето на 58 издание на фестивалот, на 12 јули на Античкиот театар, каде настапија светски познатите оперски пејачи од Романија Елена Мошук и Калин Братеску, во придружба на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестралниот Николае Молдовеану, исто така од Романија. Николовски вели дека отворањето било прекрасно, а настапот на романските оперски ѕвезди извонреден, но смета е направена грешка што не бил ангажиран оркестарот на МОБ наместо тој на филхармонијата, бидејќи е посоодветен за вакви настани. На таков начин вели тој, ќе се избегнеа одредени грешки во изведбата.
-На репертарот беа дела од најдобрите италијански комозитори, кои единствено може да ги донесе на соодветен начин оркестар кој има искуство со опера. Се знаеше навреме што ќе се изведува на отворањето на Охридско лето и некој мораше да предвиди каков оркестар треба да ги прати уметниците. Зеле погрешен оркестар, наместо операта да ја земат, ја ангажирале филхармонијата. Не велам дека оркестарот на филхармонијата е лош, напротив тоа е одличен оркестар, но за симфонии, и не може со неколку проби да го изведе тоа што му е специјалност на оркестарот на МОБ кога се во прашање оперски дела, бидејќи негова специјалност се опери, оперети и балети. Тоа е исто како кошаркар да ставите да игра фудбал. – вели маестро Николовски.
Тој укажува дека мора да се води сметка за вакви специфични детали, затоа што Охридсо лето е врвна светска манифестација на која настапуваат светски познати и признати уметници
-Нека ми се лути кој што сака, но јас мора ова да го кажам. Забележливи беа пропусти во музичката изведба на отворањето на фестивалот. Охридско лето го знае цел свет и тука доаѓаат познати уметници, затоа не смее да има вакви пропусти. – смета Николовски.
Виолинистот Ѓоко Николововски е роден на 14 август 1927 година во Битола и е највозрасниот активен музички уметник во нашата земја. На рана возраст почнал да свири виолина кај проф. академик Тодор Скаловски и маестро Трајко Прокопиев. Високо образование стекнал на музичката академија во Љубљана, а специјализирал на познатиот конзерваториум „Џузепе Верди“ во Милано и Миланската скала. Професори му биле Микеланџело Абадо и првиот концерт-мајстор на Миланската скала, Франко Франтини. За време на престојот во Милано, свирел во оркестарот со најпознати виолинисти како што се Борчиани, Франко Франтини, Џино Гови и други.
OhridNews