– Како можеше во два наврати кабинетот на градоначалникот, а и самиот градоначалник да ги заборават лекарските екипи на Општата болница и Брза помош, тимовите на анестезија-хирургија, интерното одделение и техичката служба која повеќе од 12 часа беше во координирана акција на спасување и сместување на за жал починатите, реагира д-р Сашо Василевски – специјалист интернист и началник на Интерното одделение. Никој не дошол до награди поготово за трагедија која сите сакаме побрзо да ја заборавиме, но ако се дава и барем усмена благодарност не смее да се заборават медицинските екипи кои секогаш и за добро и лошо се први на помош и поддршка во нашата средина, додава д-р Василевски.
Според Василевски општинскиот протокол кој го составувал списокот на заслужни граѓани и институции кои учествуваа во спасувањето на патниците од бродот „Илинден“ со испуштањето на лекарските екипи од Охрид направил сериозен пропуст кој тешко може да се исправи. Василевски смета дека од најголемата трагедија што некогаш се случила на овие простори не треба да се прави драма, но исто така не смеат ни да се заборават оние кои со својот професионализам и несебично ангажирање придонеаоа за намалување на последиците од бродската несреќа.
Реакции на доделувањето на благодарниците имаше и во Бугарија. Како што пренесува агенцијата „Фокус“, бугарсаката јавност реагирала на најавата дека општината Охрид планира да им додели благодарници и на членовите на посадата на бродот „Илинден“ оценувајќи ја таквата иницијатива како недозволива.