Со анализа на црната кутија од пилотската кабина авионот на египетската воздухопловна компанија „ EgyptAir“ кој се урна во Средоземното Море во мај, потврдено е дека зборот „оган“ е изговорен пред падот авионот, објави истражната комисија која ја води Египет.

Истражителите кон крајот на јуни изјавија дека анализата на „црнат кутија“ од летот на авионот укажува на предупредување на чад и обид за гаснење пожар. Снимката е во согласност со податоците издвоени од другите уреди од авионот, кои упатуваат на присутност на чад во тоалетот и во навигацискиот систем, потврдиле изворите.
Досега се сметаше дека податоците за чад може да се резултат на честите грешки на овој систем, кои ги тераат пилотите да прават рискантни маневри. Од истражната комисија на египетската влада, во којашто се ангажирани и странски воздухопловни експерти, велат дека и натаму остануваат отворени за сите можности во поглед на причините за несреќата, вклучително и за терористички напад.

Авионот на „EgyptAir“ од типот „Airbus А-320-232“ на летото МS804 од Париз за Каиро со 66 патници и членови на екипажот, од кои 40 Егишѓани и 15 Французи, исчезна од радарите утрото на 19-ти мај, во мигот кога го напуштил грчкиот и непосредно пред да навлезе во египетскиот воздушен простор. Тој се урнал во Средоземното Море, неколку стотици километри од египетскиот пристанишен град Александрија.

Според грчката истрага, авионот прво се накосил за 90 степени налево, а потоа за 360 степени во десно, понирајќи од височина од 11.300 метри на 4.600 метри, а потоа на 3.000 метри пред да исчезне од радарите.

OhridNews
извор Макфакс