Пет алпинисти загинаа во петокот во јужниот дел од швајцарските Алпи во одвоени случаи по пад од неколку стотина метри, соопшти локалната полиција.

Според портпаролот на кантоналната полиција на регионот Валишки Алпи, група од седум германски алпинисти во петокот тргнала во освојување на врвот Лагинхорн.

Меѓутоа, како што се наведува во соопштението на полицијата, тие меѓусебно не биле поврзани со безбедносните јажиња.

Околу сто метри од врвот Лагинхорн висок 3.971 метар, на височина од 3.850 метри, еден од германските алпинисти кои во петокот се искачувале на Алпите, ја изгубил рамнотежата и паднал при што веднаш загинал.

Тројца германски алпинисти загинале при искачување кон глечерот Меитен. Според претпоставките, еден од нив паднал во бездната и со себе ги повлекол двајцата свои колеги, се наведува во друго соопштение на швајцарската полиција

Во следната несреќа во истиот регион на швајцарските Алпи во петокот настрада уште еден германски алпинист кој загина симнувајќи се од врвот Пти Мон-Колон.

Од почетокот на сезоната во овој регион на Швајцарија животите ги загубија 13 алпинисти.

OhridNews
извор:„Макфакс“