Во периодот од 4 до 6 јуни 2010 година на Попова Шапка, во планинарскиот дом Смрека, ќе се одржи меѓународен семинар за водачи во планина и планински туризам со следниве работни теми: Планинскиот туризам во Република Македонија – потенцијали, можности, проблеми и перспективи, Работа со групи на странски клиенти како и Промоција на македонскиот туристички производ.


Семинарот се организира во соработка со Центарот за регионален развој на туризмот во Европа, со седиште во Бриансон – Франција (ЦРЕТ – Центре регионал ет еуропеен ду тоурисме), а истиот е помогнат од владата на регионот Високи Алпи и Министерството за надворешни работи на Франција.

Во рамките на семинарските активности, на 6 Јуни (недела) ќе биде организирана трибина на која ќе учествуваат француски туроператори и новинари од неколку реномирани списанија кои се занимаваат со туризам и активности на планина.

Најавено е учество на Чешката и на Бугарската организација на професионални водачи во планина, а се очекува и присуство на официјални преставници од УИМЛА – меѓународната организација на професионални водачи во планина.

Семинарот е првенствено наменет за лиценцираните водачи во планина (за обновување на лиценците), како и за планинарите кои имаат повеќегодишен стаж и завршена основна планинарска обука и кои сакаат да започнат со обука за професионални водачи во планина. Покрај тоа, на семинарот се добредојдени сите кои се заинтересирани за активно вклучување во планинските туристичко рекреативни активности.

Ohridnews