Информациите за тепачки, насилство, разбојништва, трговија и употреба на дрога, убиства… не се повеќе вести, туку за жал станаа наше секојдневие. Црната хроника ја зголемува читаноста ( слушаноста, гледаноста) на медиумите и ја потхранува јавноста со негативна енергија која се посилно извира околу нас. Притиснати од секојдневните проблеми, соочени со длабоката економска криза и ерозија на моралот, граѓаните излезот од очајната состојба се почесто го бараат од другата страна на законот.

Луѓето се напнати како репетирани пушки и малку, сосема малку им треба да пукнат. Навидум и банален проблем или обично недоразбирање е доволно да се нападне, да се посегне по нечиј живот. Се помалку авторитет имаат и институциите и службените лица. Но, каде е грешката? Во луѓето или во системот. Веројатно и на двете страни, затоа што системот го прават луѓето, ние. Истите ние кои замижуваме пред проблемите во семејството, на работа, во општеството. Истите ние кои семејните обврски и воспитувањето на децата ги заменуваме (поистоветуваме) со материјални вредности, а љубовта и почитувањето со лажен елитизам како социјален статус, се вработуваме и градиме кариера со врски и партиски книшки, создавајќи систем на искривени вредности. Во такво општество интелектуалците избираат да молчат и владее законот на силата пред која се подвиткува  и самата државата во која над 300 000 луѓе се без работа, а половина популација е сиромашна. Треба ли тогаш да не чуди што се случува околу нас? Не, но доколку нешто не промениме црната хроника уште долго ќе ги полни насловните страници на медиумите, а се се’ плашам дека  таквите вести ќе ги читаме, (гледаме, слушаме) уште почесто.

Горан Момироски