Комплетен скелет од Диплодокус, џиновски диносаурус, ќе биде понуден следниот месец на аукција во Велика Британија. Како што пренесуваат агенциите, 17 метри долгиот и шест метри високиот фосил стар околу 150 милиони години, наречен „Мисти“, е еден од само неколкуте познати примероци во светот. Пронајден во американската држава Вајоминг, скелетот ќе се најде на аукција на 27 ноември во Билингшерст, на југот на Англија. Огромниот скелет на женка е проценет на 600 илјади фунти.

Претставникот на аукциската куќа „Самерс Палас“, која ја организира аукцијата, изјавил дека постои голема шанса да го купи некој музеј, но исто така лесно би можел да заврши во рацете на приватен колекционер. Познат и под латинскиот назив „Diplodocus Longus“, овој џиновски тревопасен диносаурус бил едно од најголемите животни кои некогаш оделе по Земјата. Комплетните скелети на овој вид се толку ретки, што и популарниот „Дипи“, заштитниот знак на Природонаучниот музеј во Лондон всушност е составен од гипсени делови од скелети на два диносауруси. Мисти во 2009 година го пронашле синовите на познатиот американски ловец на диносауруси Рејмунд Алберсдорфер, додека му помагале на татко си на наоѓалиште во приватен каменолом во Вајоминг.