Куќата во Њујорк во која е сниман филмот „Кум“ се продава за помалку од три милиони долари. Сопственикот на една од најпознатите куќи на светот чека понуда која не може да се одбие. Имено, куќата чија надворешност е прикажана во класикот на Френсис Форд Копола од 1972 година сега е понудена на продажба. Сегашниот сопственик ја преуредил внатрешноста како куќата повеќе би личела на филмската, па помеѓу останатото работната соба е преуредена налик на онаа која ја имал Дон Корлеоне.
За куќата со пет спални соби и седум тоалети тој бара 2,89 милиони долари, а продавачот на недвижности Џозеф Р. Профачи вели дека кујната е „да умреш“. Инаку, куќата се гледа во воведните кадри од филмот и тоа во сцените на венчавката на Кони Корлеоне. Куќата е изградена во 1930 година, а прв пат на продажба била понудена во 2010 година. Моменталниот сопственик ја купил две години подоцна и тоа за 1,7 милиони долари.