Нивната музика веќе со децении прави милиони долари, а дури и прамените коса на Мик Џегер и Кит Ричардс можат да вредат мало богатство. Прамен од косата на Мик Џегер ќе биде понуден на аукција на 3 јули со проценета вредност помеѓу 1500 и 2000 фунти. Во меѓувреме, прамен од косата на Ричардс бил продаден за 900 фунти. Косата на Џегер била земена од пејачот на почетокот на шеесеттите години на минатиот век и била во сопственост на роднина на една од првите негови девојки, Криси Шримптон, сестра на познатата манекенка Џин.

Косата била чувана во коверт со изјава за нејзината автентичност. Изјавата од Криси потврдувала дека праменот бил земен додека со Мик престојувала каја бабата на село. Иако Криси тоа не го знаела, баба цело време ја чувала косата на Мик. По нејзината смрт ја наследила тетката на Криси. Криси и Мик биле во врска од 1963 до 1966 година, па дури и се вериле, но никогаш не стигнале до олтарот.