Општина Охрид кон ГП Гранит има долг од 70 милиони денари, кој треба да го исплати до крајот на 2007 година. Доколку овие пари не бидат исплатени до дадениот рок, ќе се активира и камата од 207 милиони денари велат наши извори од локалната самоуправа.
Кабинетот на градоначалникот прави напори и е во постојани преговори со Гранит со цел да се надмине ваквата ситуација. Алтернативата која ќе биде понудена како излезно решение, е да се донесе Детален урбанистички план за просторот околу полигонот за мали спортови во централното градско подрачје кој сега е во сопственост на ГП Гранит, со што на оваа компанија ќе и се овозможи да изгради деловно стамбен објект, трговско угостителски објект, катна гаража и спортска сала, без да плати комуналии, како компензација за долгот што општината го има кон Гранит.
Градоначалникот Петрески вели дека за ова начелно е постигнат договор со Гранит, а била изготвена и финансиска конструкција за истиот.
Покрај кон Гранит, општината има големи долгови и кон градежните претпријатија Илинден и Кратер.
Мики Трајковски