Повеќе од 400 000 млади од вкупната популација на Македонија се во фокусот на новата десетгодишна Национална стратегија за млади, почнувајќи од 2016, која ги опфаќа лицата на возраст од 15-29 години. Во период од февруари до септември 2015 беа организирани работилници на осумте тематски области кои ги опфаќа стратегијата: образование, вработување и поддршка при вработување, Ммадинско учество, младинско информирање, култура, локална младинска работа, здравје и спорт.
Вчера во големата сала на општина Охрид беше организирана јавна дебата за нацрт текстот на новата Национална стратегија за млади која е подложна на корекции до 28-ми октомври 2015 и сите млади до тогаш може да доставаат свои сугестии и коментари.
На состанокот присуствуваа повеќе од 50 млади од Охрид меѓу кои средношколци од охридската гимназија, средното економско и угостителско училиште, Факултетот за туризам и угостителство, Факултетот за информатички науки „Свети апостол Павле“, претставници од Советот на млади при општина Охрид, млади од политички партии, како и наставници, професори, психолози и други претставници на образовната сфера.
На дебатата која траеше речиси 3 часа, најголем интерес предизвика областа на вработување и поддршка при вработување.
Како што истакна Дамјан Николовски, консултант на УНДП и јуниор фасцилитатор на Националниот младински совет, за жал реалноста е таква што ние се вртиме во магичен круг и еден проблем имплицира многу други.
„Сите овие проблеми во сите сегменти што ги наброивме ги доведуваат во прашање вредностите во нашето општество и младите и сите ние мора да разбереме дека секој еден од нас е активен чинител во градењето на општеството.“ – потенцираше Николовски.
Од подмладокот на СДСМ предложија субвенционирано вработување за да се спречи одливот на мозоци во земјава, кој зема се поголем замав и се поголем број млади својата професионална реализација ја гледаат надвор од границите на Македонија. Во овој контекст, беше спомнато и непродуктивното трошење државни пари, како проектот Скопје 2014, наместо вложување во реалните потреби на младите, реконструкција на студентските домови, квалитетно образование и др. Тие посочија дека е потребно поголемо младинско учество и здружување во невладини организации.
Менка Ѓореска, професорка по географија во охридската гимназија, предложи порано заминување во пензија за да се ослободуваат работни места за помладите генерации.
-На времето во странство заминуваа кадрите со понизок степен на образование, а сега ни заминуваат најквалитетните профили во потрага по повисоки животни стандарди, што навистина е жалосно. Како професорка по географија можам да констатирам дека наталитетот се намалува, браковите имаат тренд на опаѓање и јас навистина се прашувам кој е одговорен за ваквата демографска структура во земјава.- рече Ѓореска.
Заклучено беше дека во Македонија недостигаат многу стручни анализи, истражувања и дебати за што навистина е потребно на пазарот на труд и кои кадри се дефицитарни, како и имплементација на законските обврски од сите главни субјекти.
Како што истакна во својата презентација Дејан Докузовски од програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), образованието, како област од исклучителна важност за сите млади во земјава се соочува со голем број проблеми како несистематски третман и недоволен квалитет на наставните содржини, недоволна интеграција по возраст, пол и етничка припадност, недоволна вклученост на учениците и студентите во процесите на донесување одлуки, проблеми од децентрализираноста, несоодветни услови за учење и работа, непостоење јасна легислатива во однос на ученичкото и студетнтското организирање и недоволно финансиски средства.
Во поглед на младинското информирање, како клучни проблеми беа издвоени лимитираните информации за младите, комерцијализација и политизација на медиумите, непостоењето структура на младинско информирање преку која на едно место ќе се најдат информации кои се од интерес на младите и непостоењето практика или свест меѓу младите за споделување информации.
Во однос на културата исто така беа посочени повеќе проблеми како недостаток на редовни културни настани ( концерти, мултимедијални настани ) за младите во сите градови во земјава ( надвор од Скопје), непознавање на моќта на медиумската култура, во одредена мера забележана незаинтерсираност за посетување кино, театар и слично , а во друг контекст и неможност да се посетуваат заради неорганизирање на ваков тип културни настани или непостоење соодветни културни центри кои ќе имаат редовен репертоар на филмски проекции, театарски претстави и сл.
Јулијана Даскалов, сениор фасцилитатор во процесот на донесување на Националната стратегија потенцираше дека младите мора да ги знаат добро своите права и да се борат за нив.
-Вие можеби очекувате од функционерите да ги решат сите проблеми, но мора сами да се борите за сите ваши потреби и заеднички, здружено да издејствувате нивно остварување и реализација. Мора да бидете активни граѓани на секој план и аргументирано да се борите за она што сметате дека ви е потребно и тоа важи за младите во секоја општина. Како што спомнавте, може да поднесете барање за отворање Младински културен центар во Охрид, нов Дом на културата и сето она што сметате дека ви е потребно преку организирано дејствување. – рече Даскалов.
Како што посочија презентерите на Националната стратегија, овие проблеми во поглед на образованието, вработувањето на младите, младинскиот активизам и учество, културата на младите, младинското информирање итн., наметнуваат многу прашања и дилеми кои би можеле да се решат со воспоставување на Министерство за млади, како што функционирало во времето од 1998-2000 година, кога се издвојувале повеќе финансиски средства од буџетот за категоријата млади и кое ќе може подобро да менаџира со сите овие проблеми и предизвици кои директно ги засегаат младите во Македонија.
Стратешки приоритети на Националната стратегија за млади се еднаков пристап до квалитетно образование и други форми на личен и професионален развој, овозможување подобар животен стандард и еднакви можности за квалитетен живот, креирање можности и механизми за заштита и почитување на фундаменталните права и слободи на систематска интеграција и интеракција на различните категории млади, како и креирање на можности за вклучување на младите во следење и спроведување на одлуките кои ги засегаат.
Покрај досега остварените средби во Велес и Охрид, следните средби со младите и засегнатите страни ќе бидат одржани уште во 13 градови низ земјава- Струга, Дебар, Ранковце, Штип, Битола, Прилеп, Струмица, Гевгелија, Куманово, Тетово, Кочани, Кавадарци.
Текстот на Националната стратегија за млади е достапен на сајтот www.strategijazamladi.mk.
Ивана Чичоска