Во првата недела од скринингот на ученици во основните и средните училишта на подрачјето на Центар за Јавно здравје Охрид тестирани 31 ученик. Според списокот добиен од Министерството за здравство тестирани се 3 ученици во ООУ „Дебрца“ во с. Белчишта, 7 ученици од ООУ „Страшо Пинџур“во Вевчани,  2 ученика во „АТА“ Центар  Жупа, 10 ученици во ОOУ „Неџати Зекирија“ с.Коџаџик и 9 ученици во  ОOУ „Мустафа Кемал Ататурк Општина Центар Жупа, информираат од Центар за Јавно здравје Охрид. Тестирањето се спроведува во самите училишта од страна на здравствени работници во просторија одредена од училиштето.

 

 

Како што информираше Министерот за здравство Венко Филипче, досега нема позитивни случаи на ученици во училиштата во државава.

 

Досега нема стигнат позитивен тест на ниедно дете во училиштата, било во основните, било во средните што е одличен знак. Но, да почекаме се уште е рано.  Во случај кога родителите не даваат согласност за тестирање се оди на алтернатива да се тестира друго дете во класот согласно методологијата. Досега нема некаков отпор и  не верувам дека ќе има. Апелирам до родителите да се свесни дека земање обичен брис не е никаков ризик и како метода многу ќе научиме за ситуацијата со епидемијата кај нас, информираше денес Филипче.

Според Филипче, до крајот на неделава ќе бидат тестирани околу 500 деца во државава ако се земе во предвид динамиката со која пристигнуваат согласностите од родителите.

Целта на скринингот, со кој ќе бидат опфатени вкупно 8.178 ученици во државава во 364 основни и 109 средни училишта, е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот Ковид-19 меѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата,  велат од Министерство за здравство, а воедно апелираат на безрезервна поддршка од страна на родителите.

 

К.А.