– Со измените на ДУП од 2000-та година, на површина од 5.000 метри квадратни, во комплексот Летница предвидено е да се изгради трговско деловен угостителски објект – велат од секторот за урбанизам. Иако првично е предвидено објектот да биде со една спратна висина, со измените на ДУП-от, предвидена е и доградба и негова надградба.
На плоштадот во Охрид ќе никне голем трговски центар?
Архитектите тврдат дека трговскиот центар ќе зафати буквално половина од чаршијата и ќе ги наруши амбиенталните вредности на плоштадот, кој веќе нема да има никаков лик. За нив е несфатливо едно такво здание да никне зад грбот на Св.Климент.
И дел од градските советници обвинуваат дека на седниците на Советот се протнуваат и по 20 урбанистички планови кои се однесуваат на централното градско подрачје.
– Урбанистички планови се носат без транспарентност, се носат без можност по нив да се реагира да се критикува. Веќе имаме проблем со идентификувањето на Охрид како град заради оваа урбана деградација- вели советникот Дејан Паноски.
Од охридскиот сектор за урбанизам, пак, велат дека просторот ќе бил архитектонски разигран, но за реализација на проектот треба да се произнесат и Завод и музеј и Министерството за култура. Инаку, неофицијално се дознава дека зад изградбата на трговско-деловниот-угостителски објект стојат имињата на моќни македонски бизнисмени.