На Република Македонија како идна членка на ЕУ и НАТО ќе и бидат потребни голем број високообразовани кадри и признаени инженери, беше речено на доделувањето на признанието   „Инженерски прстен 2007“ денеска на Плаошник.

Престижното признание на Институтот за инженерство на Македонија „Златниот прстен“ годинава  го добија најдобрите девет  дипломирани студенти на инженерските факултети: Никола Стакинов од Кичево од Архитектонскиот факултет, Дарко Наков од Градежниот, Катерина Ташкова од Електротехничкиот, Симеон Милевски од Факултетот за земјоделски науки и храна,  Мите Томов од Машинскиот, Тијана Калајџиева од Технолошко-металуршкиот факултет, Михаил Кашовски од Техничкиот факултет, Драгица Ѓуровска од Шумарскиот и Маријан Делипетров од Рударско-геолошкиот факултет од Штип.


Црвенковски и дел од добитниците на признание

“Република Македонија има огромен внатрешен потенцијал да биде економски развиена држава на стручни етаблирани и почитувани експерти“, истакна Црвенковски кој на наградените инженери им порача да не застанат на овој успех.

Претседателот на инженерската институција на Македонија Александар Димитров рече дека “инженерите можат многу да придонесат да се забрза влезот на Македонија во Европска унија, но потребно е државата да посвети соодветно внимание и создавање адекватни услови за работа на инженерскиот кадар“.

Г. Момироски