Под необичен наслов “На патот за Охрид”, викендов, во познатата охридска куќа на Робевци се отвори ликовна изложба на Славица Секуловски – Ван ден Берг, Македонка која живее и твори во Холандија. Десетина нејзини дела со носталгични мотиви од Македонија ќе бидат изложени следните петнаесет дена во галеријата во Робевци, а истите ќе можат да се откупат по цена која се движи од 1000 до 2000 евра.

Вредно е да се напомене дека приходот од продажбата на сликите ќе биде дониран во хуманитарна цел, односно за лекување на младо момче од Охрид кое има итна потреба од соодветна хируршка операција во Народна Република Кина.

На отворањето на изложбата беа присутни околу стотина вљубеници во ликовната уметност меѓу кои и познати охридски и македонски сликари и други уметници.

Присутните имаа можност, покрај раскошните мотиви насликани на платно, да бидат сведоци и на прекрасниот солистички настап на Валентина Димитриевска, познат сопран при Македонската опера и балет. Нејзините гласовни дарби ја потврдија прекрасната акустика на куќата на Робевци. Таа изведе повеќе арии меѓу кои и познатата арија на Грофицата од моцартовата Свадбата на Фигаро.

Славица Секуловски чии родители потекнуваат од Струшко, родена е во Белград, а дипломирала на Академијата за уметност во Арнем, Холандија. Во 1998 година во атрактивниот туристички центар и градот- музеј Дузбург, таа ја отвора својата галерија со име “Секулоски” , а подоцна настапува и на изложби во Белгија, Германија и во Охрид. Секулоски-Ван ден Берг има намера набрзо да се врати на подолг престој во Македонија каде вети ќе поработи малку повеќе на струшко-охридските и македонски мотиви за да ја искаже својата носталгија, но и радоста од повторната средба со родниот крај на нејзините родители.

OhridNews
Фото: Дим Дон