26 Септември  е одреден како ден на состанокот на заедничкиот Комитет за заштита на Охридското Езеро, што ќе се одржи во Поградец. На средбата која ќе се одржи на највисоко (министерско) ниво ќе се отворат билатералните прашања околу приодот кон заштитата и управувањето со сливот на езерото.

“Влегуваме во нова фаза на управување со водените ресурси кои законски веќе ги гледаме како природно богатство и соодветно на тоа сме упатени да ги управуваме на ниво на слив. Сега доаѓаат до голем израз Договорот и резултатите што ги имаме постигнато во македонско-албанската соработка, а кои беа оспорувани,  и тоа треба да се ефектуира“, изјави државниот секретар во Министерството за животна средина, Дејан Паноски. Темите што ќе ги отвориме ќе го детерминираат ревидираниот правец на управување  пред се во интерес на заштита на  езерото и сливот.  Не сакам да го гледаме езерото како чудо , туку како ресурс што треба да го заштитиме затоа што од него црпиме живот, додава Паноски.
 
Во комитетот членува централната власт, локалната власт, науката, објаснува. “Координацијата централна-локална власт и наука ќе биде се понеопходна во овие моменти кога плус на се , сме соочени и со климатските непогоди кои се рефлектираат врз квантитетот и квалитетот на водите . Оправдувањата дека некој некого опструира ќе завршат како неук блед обид за себезаштита, а како црна точка во заштитата на јавното добро, вели Паноски.”

Ohridnews