Музичката програма на годинешното 64. издание на „Охридско лето“ продолжува со целовечерен концерт на уметниците од Црногорскиот симфониски оркестар, со пијанистката Нина Костова како солист.

Црногорскиот симфониски оркестар за прв пат настапува на 14 декември 2007 година во Цетиње, и набргу станува центар на музичкиот живот во Црна Гора. На преку 500 концерти одржани во земјата и во странство (Италија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Русија, Турција, Албанија, Франција) како солисти со овој оркестар меѓу останатите настапиле: Монсерат Кабалје, Миша Мајски, Иво Погорелиќ, Иља Гринголц, Роман Симовиќ, Милош Карадаглиќ, Денис Шаповалов, Симон Трпчески, Стефан Миленковиќ, Константин Лифшиц и многу други истакнати солисти и диригенти.

На репертоарот на овој оркестар се наоѓаат дела од сите стилови и музика од барокната ера, па сѐ до современи дела. Оркестарот остварува концерти со епохални дела од светската музичка ризница кои претставуваат историски мигови во црногорскиот музички живот. Покрај тоа, редово се застапени делата на црногорските композитори Иван Бркановиќ, Илија Лакешиќ, Борислав Таминжиќ, Жарко Мирковиќ, Нина Перовиќ, Александар Перуновиќ, Сенад Гачевиќ кои се значајни во музичката историја и сегашност на Црна Гора.

Со оркестарот раководи и диригира Марк Корович, дипломец по хорско и оркестарско диригирање на „Сорбона“ во Париз. Оркестарско диригирање студира и на Конзерваториумот за музика во Париз, а магистерски студии по хорско диригирање завршува на Високата школа за музика во Женева. Од 2014 Марк Корович редовно работи со хорот на Француското радио, како и со хорот „Акцентус“ со кои настапува на турнеи, снимања, а надвор од Франција соработува со хорот на Хрватското радио, со вокалните ансамбли во Штутгарт и Минхен, ансамблот English voices, хорот на градот Мадрид и на Шпанската РТВ. Соработува со ансамблот „Кончерто Келн“, со Хрватскиот барокен оркестар, Хашкиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар на ХРТ, како и со националниот оркестар во Монпелје. На оперската сцена работи во оперите во Руен и Монпелје, во театарот „Шанзелизе“ и во Виенскиот театар. Остварува успешни соработки со врвни диригенти како што се: Сајмон Ратл, Даниел Хардинг, Алан Гилберт, Густаво Дудамел, Еса-Пека Салонен, Даниеле Гати, Клаус Мекела, Лахав Шани, Луи Лангре, Стефан Денев, Херберт Бломштед, Филип Жордан, Лоренс Екилбеј и др. Марк Корович учествува на бројни фестивали во Салцбург, Монпелје, фестивалот „Моцарт“ во Њујорк, „Балтичкиот фестивал“ во Стокхолм, како и на оперскиот фестивал во Екс ен Прованс. Во 2017 година е именуван за уметнички директор на Младинскиот хор на Париз, од 2018 година е хор-мајстор на Шведскиот радио хор, а од 2022 е уметнички раководител и диригент на Парискиот оркестар „Колон“. Раководител е на семинари и мајсторски курсеви ширум Европа (Хаг, Осло, Валенсија, Загреб) и редовно е член на жири на меѓународни хорски натпревари. Ангажиран е како професор по диригирање на Регионалниот конзерваториум за музика во Париз.

Како солист на вечерашниот концерт заедно со гостите од Црна Гора ќе настапи и нашата пијанистка, Нина Костова. Костова музичкото образование го стекнува во Скопје, во класата на реномираните професори Људмила и Борис Романови. Во текот на своето образование добитник е на бројни награди и признанија и често настапува на европските сцени во Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Турција и сл. Во периодот од 1991 до 2010 година, учесник е на сите семинари водени од проф. Борис Романов, организирани од ДМБУЦ – Скопје, МММ, како и Музичкото училиште „Добрин Петков“ во Пловдив и музичкото училиште „Војислав Вучковиќ“ од Белград. Дипломира и магистрира со посебна пофалба cum laude, a во 2014 година ги завршува докторските студии. Нина Костова, повеќе пати настапува како солист со Националната филхармонија, Младинскиот симфониски оркестар „Добрин Петков“ од Пловдив, Камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, камерниот оркестар „Московија“, Симфонискиот оркестар на ФМУ. Соработува со значајни диригенти од земјава и странство меѓу кои Саша Николовски, Александар Лековски, Борјан Цанев, Леонид Николаев, Едуард Грач, Пламен Парванов, Јанко Костелиц и други. Исто така, одржува бројни настапи во камерни состави и дуа од кои се издвојуваат настапите во Босна и Херцеговина, Белгија, Италија, Франција и САД, како и настапот на „Охридско лето“ со Квартетот Хеншел од Германија. Моментално работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со своите ученици и студенти постигнува огромни успеси, за кои показател се двете признанија од Карнеги Хол за посебен придонес на натпреварот „Американски таленти“ како и признанието од фондацијата „Спиваков“ за посебен придонес на фестивалот „Москва сретнува пријатели“ во 2013 год.

Вечерашниот концерт ќе се одржи на сцената во Предворјето на „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

OhridNews