Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, вечерва, во црквата Света Софија со почеток во 21 часот ќе се одржи Вечер на ЕУ. Ќе настапи австрискиот пијанист Роберт Лербаумер.
Лербаумер својата кариера ја започнува на само 9-годишна возраст, кога се појавува на музичките сцени во Австрија, Германија и Швајцарија. Оттогаш неговите настапи (најпрвин како пијанист, а подоцна и како диригент и оргулист) стануваат сè почести и го водат во речиси сите европски земји, каде што соработува со најпрестижните светски оркестри. Паралелно со пијанистичката дејност, Лербаумер успева да се прослави и како одличен диригент и оргулист. Како солист настапувал со диригентите од светски ранг: Клаудио Абадо, Јехуди Менухин, Андре Превин и др., а соработувал и со истакнати изведувачи, како: Волфганг Шнајдерхан, Фридрих Гулда, Волтер Бери, Антон Дермота. Редовен учесник е на фестивали, има направено и повеќе снимки за радио и телевизиските станици, а неговата музика е документирана и на грамофонски плочи и компакт дискови. Постојано одржува интернационални мајсторски курсеви во целиот свет. Моментално работи како професор на конзерваториумот „Прајнер“ во Виена. Добитник е на повеќе награди и признанија.
На програмата се дела од Лист, Шуберт, Брамс, Шуман.
OhridNews