Во рамки на фестивалот Охридско лето вечерва, со почеток во 21 часот во црквата Св.Софија ќе се одржи Вечер на ЕУ. Ќе настапат Нина Костова (пијано, Македонија), Хеншел гудачки квартет (Германија), Кристоф Хеншел (виолина), Каталин Еуген Десага(виолина), Моника Хеншел Шлинд (виола), Матиас Бејер-Карлсој (виолончело).
Ќе изведат дела од В. А. Моцарт, Л. В. Бетовен, Р. Шуман.

Нина Костова е македонска пијанистка, која во својата биографија запишува голем број значајни награди на престижни национални и интернационални натпревари. Нејзината активна изведувачка дејност ја носи на концертните сцени во Франција, Италија, Англија, Турција, Бугарија, Србија и други земји. Чест гостин е и на фестивалот „Охридско лето“, каде настапувала со камерните оркестри „Московиа“ и „Свети Ѓорѓе“.

Својата интернационална кариера гудачкиот квартет „Хеншел“ ја започнува во 1994 година и до денес во својата биографија забележува гостувања во речиси сите музички центри во Европа и светот. Соработувале со значајни музички уметници, а имаат издадено и неколку компакт-дискови, за кои имаат добиено повеќе награди. Постојани гости се и на националните и интернационалните натпревари, каде остваруваат бројни успеси. Покрај изведувачката дејност, членовите на овој квартет редовно се појавуваат како професори-гости во најзначајните музички институции во светот, како што се Универзитетот „Јеил“ во Соединетите Американски Држави, Кралскиот колеџ за музика во Англија и Универзитетот во Мелбурн, Австралија.

Собраните средства од концертот ќе бидат донирани за поплавените подрачја.

OhridNews