Во рамки на фестивалот Охридско лето, вечерва, во црквата Св.Софија со почеток во 21 часот концерт ќе одржи турскиот пијанист Фазил Сеј. Ќе изведе дела од: Ј. Хајдн, В. А. Моцарт, К. Дебиси, Џ. Гершвин, Ф. Сеј. Со својот извонреден пијанистички талент, Фазил Сеј ги воодушевува слушателите низ светот повеќе од 25 години. Неговиот репертоар е разновиден – почнувајќи од делата на Бах, преку Виенските класичари и делата од романтизмот, сè до современата музика, вклучувајќи ги и композициите кои ги пишува тој. Снимил повеќе компакт дискови со дела од Бах, Моцарт, Бетовен, Гершвин и Стравински, кои се високо оценети од критиката и за кои има добиено неколку награди, меѓу кои и престижната награда „Еко Класик“. Покрај солистичката дејност, Сеј редовно настапува и како камерен музичар заедно со еминентни изведувачи, како што се виолинистот Максим Венгеров, виолончелистот Николас Алстедт и други.
Претходно, во 20 часот, во изложбениот салон на Центарот за култура ќе биде промовирана книгата „Патникот“ од Борче Грозданов. Грозданов е роден во 1969 година во Скопје. Работи како новинар и театарски критичар во дневниот весник „Вечер“ повеќе од една деценија.
Речиси нема автор и тоа низ светот кој нема пишувано на тема патник и патување, но во прашање се варијации на една иста тема… Така, некои како на пример Агата Кристи пишуваат за патникот за Франкфурт…други, пак како Итало Калвино пишуваат за тоа како една зимска ноќ некој патник…Трети пак, пишуваат за таинствени патници, осамени патници, мистични патници, патници од далечното небо…Но, има и такви кои децидно и прецизно велат – Јас патник! Во книгата „Патникот“ од Борче Грозданов – Пандур има најмалку два патника. Првиот е самиот автор, а вториот, за жал, неодама починатиот актер Шишков јуниор. И, навистина оваа прозна книга на Борче Грозданов толку многу е натопена со емоции, страсти, (лични и професионални) факти што слободно може да се сфати и прифати и чита и третира како мала, но значајна монографија за починатиот Васил Шишков.
OhridNews