Вечерва, во рамки на фестивалот „Охридско лето“, љубителите на филмската уметност, со почеток во 20 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе имаат можност да го проследат македонскиот филм „Хај-Фај“ во продукција на Вардар филм-Скопје.  

Во 21 часот, во црквата Св.Софија концерт ќе има Дуото Кировски во чиј состав се: Љубиша Кировски (виолина, Македонија) и Маја Шутевска Кировска (пијано, Македонија). Ќе изведат дела од: Ј. Брамс, Ж. Глишиќ, Ф. Сај, И. Фролов/Џ. Гершвин.

Камерното дуо „Кировски“ (Љубиша Кировски виолина/виола и Маја Шутевска – Кировска – пијано) е основано во 1993 година и оттогаш има реализирано бројни настапи во Македонија, но и надвор од неа. Во 1997 година, дуото специјализира на Европската академија во Варшава кај еминентни професори, а подоцна своите изведувачки вештини ги усовршува на Летната академија во Лозана. Како камерен состав, Кировски се добитници на повеќе национални и интернационални награди. Имаат издадено и неколку компакт-дискови со музика, претежно, од македонски композитори.

OhridNews