Во рамки на фестивалот Охридско лето, вечерва со почеток во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“, актерите од Македонскиот народен театар ќе ја изведат претставата „Аферата Елсинор“, во режија на Љубиша Георгиевски.
Текстот на претставата е еден вид дијалог со Шекспир во вид на пиеса. Претставата е еден обид за форензичка анализа, за тоа кој како и зошто загинал во дворецот Елсинор. Структурата во претставата е тројна, односно публиката ќе види три претстави во едно. Тоа е телеграфска претстава, а самата структура на претставата е рашомонијада направена според изјавите и сведочењата на Клаудиј – кралот на Данска, Гертруда – кралицата на Данска и сведочењата на Офелија.
– Публиката ја повикувам не да сеири, ами да ми ја доврши претставата. Како што впрочем, ме знаат постарите меѓу вас, дека јас ниту една претстава не сум успеал да завршам. Не дека не сум сакал и не сум можел, туку публиката ја довршувала, на овој или на оној начин – вели Георгиевски.
Претставата премиерно беше прикажана во февруари годинава, кога режисерот Љубиша Георгиевски одбележа два големи јубилеи – 77 години од животот и 55 години творештво.
Во „Аферата Елсинор“ настапуваат Владо Јовановски, Ирена Ристиќ, Јордан Симонов, Искра Ветерова, Борче Начев, Магдалена Ризова Черних, Гораст Цветковски, Ѓорѓи Jолевски и други.
Сценографијата во претставата е дело на Мери Георгиевска, а костимите ги направи модниот креатор Никола Ефтимов кому ова му е прв театарски проект во кариерата.
OhridNews