Во рамки на фестивалот „Охридско лето“ вечерва со почеток во 21 часот во Центарот з акултура „Григор Прличев“, актерите на Драмски театар Скопје премиерно ќе ја изведат претставата „ Ждрело“ според текст на Жанина Мирчевска, во режија на Зоја Бузалковска.
Текстот „ЖДРЕЛО“ е трагикомедија за алчноста на материјалистичко-лакомиот свет кој е присутен глобално. Главниот лик, кој го толкува Рубенс Муратовски, има необичен проблем – тој е постојано гладен и со ништо не може да ја задоволи својата глад. Голта сѐ околу себе и во таа конзументска агонија, го „јаде“ дури и своето име. Јазикот е гротескен, ликовите се подложни на брзи пресврти, темите се безброј.
Текстот зборува и за тоа колку човештвото секојдневно, со сервирање на „животниот стил“, го доведува во прашање омиленото мото – помалку е повеќе. Па сепак, кризата на духот е еден од најсуштинските аспекти за кои говори „Ждрело“, „дереџето“ на човекот во кое и самиот себеси секојдневно се „јаде“, затоа што „лакомоста најчесто е компензација за нешто што недостасува“.
OhridNews