Во рамки на фестивалот „Охридско лето“ вечерва со почеток во 21 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Бар – Ремарк“ по текстот „Тројца другари“ од Ерих Марија Ремарк. Режисер на претставата е Александар Бартман, сценографија Валентин Светозарев, костими Благој Мицевски, музика Марјан Неќак.
Кога се читаат делата на Ремарк се стекнува впечаток дека секое му е автобиографско. Со оглед на неговата голема вештина да опишува различни ситуации и стил на пишување разбирлив за секого, отворајќи различни прашања и покажувајќи извонредна писателска моќ, овој книжевен великан и миленик на читателите до најситен детал ја опишува секоја ситуација.
Водејќи ја приказната од Првата светска војна, претставата ќе ја наследи животната приказна за луѓето кои поминале низ стравот и ужасот на војната и нивната немоќ да се ослободат од сенките на минатото. Но, иако стравотиите и ужасот од војната беснеат насекаде, претставата во суштина е љубовна приказна пренесена преку играта на изворедната актерска екипа од битолскиот Народен театар.
OhridNews