Во рамки на фестивалот Охридско лето, вечерва, во црквата Света Софија ќе бидат изведени дела од творечкиот опус на македонскиот композитор Властимир Николовски.

Властимир Николовски (1925 – 2001) е еден од најзначајните и најплодните македонски композитори. Неговото богато и разновидно творештво извршило огромно влијание врз развојот на македонската музичка култура и уметност. Создал над 140 музички композиции од речиси сите видови и жанри на класичната музика, но и голем број публицистички трудови. Творечкиот јазик на Николовски е умерен, експресивен, со потпирање врз духовното и врз фолклорното поднебје на Македонија. Тој ги одбегнува најрадикалните постапки на музичката авангарда на дваесеттиот век, бидејќи, според него, тие се „израз на творечка немоќ и креативна стерилност“. Покрај композиторската, значајна е и педагошката дејност на Николовски. Веднаш по завршувањето на своите студии во Белград, тој започнува да работи како професор во Средното музичко училиште во Скопје, а подоцна предава и на Педагошкиот факултет и Факултетот за музичка уметност – тогаш Висока музичка школа во Скопје. Бил музички уредник во Радио Скопје, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија и претседател на Сојузот на композиторите на Југославија. Во 1981 година бил примен за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Делата на Николовски се изведувале и сè уште се изведуваат во голем број земји низ светот, а неговите текстови, статии и реферати биле објавени во некои од најзначајните музички списанија.  

OhridNews