Ракометарите на Тиквеш стигнаа до прва победа во плејофот од Супер лигата, откако вечерва го совладаа ГРК Охрид во салата „Билјанини извори“ 26:28 (12:15).

Тимот од Кавадарци кој го предводи екс тренерот на „гладијаторите“ Горан Андоновски, беше во константно водство во текот на целиот натпревар. Во еден период од второто полувреме Тиквеш имаше и +5, но Охрид притисна во финишот во кој сепак не успеа да избегне нов пораз во разигрувањето.

Домашниот тим и на овој меч имаше силна поддршка од трибините, а очигледно беше разочарувањето на публиката од прикажаното.

Најефикасен на мечот беше Дејан Гошевски од Тиквеш со 6 погодоци, а еден помалку на спротивната страна постигна Мартин Ивановски.

Мечот почна со едноминутно молчење во знак на почит кон починатиот ракометар на Бутел Денис Тот, кој две сезони мина во ГРК Охрид. Домашниот тим на натпреварот излезе во маички со ликот на Тот.

Г.М.

Почина ракометарот Денис Тот