Охрид има потреба од добро екипиран и опремен ургентен центар кој ќе може да одговори на зголемениот број пациенти и вонредни ситуации со кои градот се соочува во туристичката сезона. Општата болница која има недостиг на медицински персонал во лето покрај редовните пациенти ги прима и туристите кои имаат потреба од здравствена нега, како и повредените во сообраќајни незгоди и инциденти чиј број во сезона значително е во пораст. Иако не се подготвени за тоа, хируршкото, интерното и инфективното одделение летово функционираат како ургентен центар, поради што лекарите и помошниот персонал се максимално оптоварени со дежурства за време на кои имаат голем број непредвидени интервенции, поради што се запоставуваат редовните пациенти.
-Во тие гужви на пациентите кои се оперирани на кои им треба мир, посебен третман, во таа итност се запоставени и вознемирени. Не им помагаме на тој начин на пациентите. Анализите покажуваат дека веќе треба сериозно да се размислува во општина Охрид да се формира нов ургентен центар.-изјави Д-р Љубен Арнаудов, директор на општата болница во Охрид.
Општата болница има изработено акционен план за функционирање во туристичката сезона, а воспоставен е и нов систем на менаџирање со повредени пациенти во сообраќајни несреќи, појасни Д-р Арнаудов.
-По најновото работење сите пациенти настрадани во сообраќајка Здравствениот дом, односно брзата помош задолжително треба да ги носи на хируршкото одделение при општата болница. Тука тие првично ќе се згрижат и ќе се дијагностицираат нивните повреди бидејќи располагаме со томограф за таква намена, по што ќе се одлучи дали пациентот треба да се задржи или да се препрати доколку има скршеници во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид.-додаде Д-р Арнаудов.
Лекарите во хируршкото одделение за време на дежурствата кои траат по 18 часа имаат од 30-40 интервенции, а за 24 часа и повеќе.
Г.М.