Трагичниот настан  што се случи вчера рано утрото, кога во тешка сообраќајна несреќа загина познат охридски угостител, уште еднаш го отвори прашањето за безбедноста на  сообраќајот во Охрид  во летниот туристички шпиц, кога бројот на возила кои минуваат низ тесните градски улици неколку кратно се зголемува.


Експертите по сообраќај укажуваат дека градот мора под итно да пристапи кон изработка на Сообраќајна студија која ќе ги дефинира мерките за превенција и ќе влијае врз зголемувањето на безбедноста на учесниците во сообраќајот.

–  Знам дека се преземаат мерки и има посебна одлука за летен режим на сообраќај, но мора да се прецизираат мерки за секоја сообраќајница, мерки кои треба да влијаат да не доаѓа до несакани последици. Охрид треба да изготви Студија за безбедност во сообраќајот, која требаше да биде донесена уште пред 20-30 години.-вели во разговор за OhridNews, сообраќајниот експерт Љупчо Милкоски.

Тој укажува дека моторциклистите се  категорија на учесници во сообраќајот со посебен ризик и тоа не само во градот туку и на патот кон туристичките комплекси каде често доаѓа до судири во кои неретко жртви се моторциклистите. Затоа, додава Милкоски, треба посебно внимание да се обрати на подобрување на сообраќајната инфраструктура.

-Инфраструктурата е главен фактор за безбедност. Ако имате добра инфраструктура ќе имате побезбеден сообраќај. Посебно внимание треба да се обрати на временското разграничување на сообраќајот, оттаму што во Охрид во лето нема голема разлика во интензитетот на сообраќај дење и ноќе. Затоа е неопходно да се подобри осветлувањето и сообраќајната сигнализација.-објаснува Милкоски.


Според Милкоски, Охрид мора посериозно да пристапи кон подобрување на безбедноста во сообраќајот затоа што тоа  во голема мерка влијае и врз имиџот на градот како туристичка дестинација.

Горан Момироски