Најголемата индиска банка во државна сопственост овие денови се нашла на големи маки поради 1500 работни места за кои распишала конкурс. Воглавно станувало збор за почетнички позиции, односно работни места на шалтери во банките, за кои се пријавиле неверојатни 1,7 милиони лица. Како што јавиле медиумите, условите за индиски услови биле доста поволни, се нудела плата од околу илјада евра и додаток за станарина во елитниот дел на Мумбаи, но управата на банката ниту на сон не помислила дека конкурсот ќе предизвика толку голем интерес. Сепак, ветиле дека детално ќе ја разгледаат секоја пријава, но не знаат колку време ќе помине до изборот на идеалните кандидати.
Иако во изминативе години индиската економија започнала да бележи доста висок пораст, невработеноста во земјата и понатаму е висока, а сивата економија била доста развиена. Дополнителен проблем предизвикала и глобалната економска криза, поради која во изминативе 18 месеци приватниот сектор нудел се помал број работни места. Поради тоа многумина спас гледале во државните и јавните компании.