Според Законот за трансформација во редовен работен однос во јавното здравство на неопределено време ќе бидат вработени околу две илјади лица, медицински и помошен односно административен персонал, кои досега волонтирале во јавните здравствени установи, информира министерот за здравство Никола Тодоров.

Првата група од над 700 луѓе ќе бидат вработени веднаш, додека другите ќе бидат вработени на неопределено време од 1-ви декември 2015, и од 1-ви септември 2016 година.

Во охридската Општа болница редовно ќе бидат вработени над 80 лица кои досега биле ангажирани како волонтери или со договор на определено време.Како што информира директорот д- р Љубен Арнаудов, првата група персонал на кој веднаш ќе му биде решен работниот статус брои 28 луѓе, меѓу кои има и такви кои како волонтери биле ангажирани и по 11 или 12 години. Останатите решенија ќе добијат во декември годинава и септември 2016.

Приоритет им се дава на оние кои најдолго работеле како волонтери. На овој начин ќе се реши долгогодишниот проблем со недостиг на кадар во болницата, за што во повеќе наврати беше информирано надлежното министерство. Еве конечно ќе се реши статусот на волонтерите кои во иднина ќе бидат редовно вработени и ќе може да го остварат своето право на здравствено, пензиско,односно социјално осигурување, вели д- р Арнаудов.

Сите јавни здравствени установи веќе ги започнаа постапките за вработување на споменатиот персонал, ги доставиле потребните документи до министерството, по што тие се доставуваат и до Министерството за финансии каде што се склучуваат договорите за вработување. Тодоров рече дека очекува целата постапка да биде завршена во законски предвидениот рок од еден месец.

Т.К.