Речиси три децении Ѓоко Танески е присутен на македонската музичка сцена. Музичка кариера ја започнува во 90-те во Кавадарци, и до денес се вбројува меѓу најуспешните вокалисти во државава. Со Ѓоко Танески во најновото издание „На муабет“ разговараме за неговите почетоци, за животот во Охрид некогаш и денес, за развојот на неговата музичка кариера.

Секоја генерација си носи своја историја и своја сегашност. Секој се потсетува на своето минато со емоции. Порано имаше многу повеќе настапи по локалите, повеќе се почитуваше рокенролот, можеби тоа е променето. Секоја генерација треба да си има своја музика, вели Танески.

При посетата на неговото студио, тој ни откри дека се обидува да се најде во продукциски води, неговата желба е од студиото да излегуваат комплетни снимки.

Разговаравме и за евровизискиот настап во 2010 година со „Јас ја имам силата“, како важен дел од неговата музичка кариера. Вели дека евровизиската сцена е огромно искуство за секој изведувач.

Евровизија не е мала сцена и ретко кој не сака да настапи таму. Убаво, пријатно, големо искуство, затоа што таму видов како треба да се работи еден фестивал и колку е тоа професионално и колку е  охрабрувачки за еден музичар, да излезе на таа сцена без трошка трема, затоа што се беше совршено организирано. Ако ме прашате дали повторно би одел, да би одел, вели Танески.

Пласманот на Евровизија не зависи само од песната, во добар дел улога игра и маркетингот, а кај  нас секогаш буџетот за промоција на евровизиската песна е мал, вели Танески. Според него, голем дел од медиумскиот простор се отстапува на политиката. Вели, дека се надева дека ќе станеме свесни како нација дека културата е она што ја одликува една држава.

Што се однесува до идните планови, во најблиска иднина ќе следи настапот за дочекот на Нова Година. Оваа година на градскиот плоштад ќе биде организиран вистински охридски дочек каде ќе настапат диџеи, бендови и  самостојни изведувачи од Охрид. За првиот ден од новата година, предвидена е програма со охридска чалгиска песна во изведба на охридските музичари.
Неговата новогодишна желба е пандемијата да заврши, а идните планови предвидуваат продолжување на соработката со Никола Мицески кој се потпишува на музиката и аранжманот на „Една љубов“, темата со која Ѓоко Танески го најави пресвртот во неговата кариера. Во рамки на оваа соработка предвиден е нов албум, а во преговори е да  започне со подготовка на концерт на кој неговите песни ќе бидат во филхармониска изведба.

К.А.