Подрачното одделение на Државниот архив во Охрид отвори фотографска изложба по повод 7 Ноември- Денот на ослободување на Охрид. Низ призмата на изложените фотографии од НОБ, во дворот на историскиот архив Охрид, ќе ги доживеете животите на оние кои го положиле животот за слободата, но и на секојдневните луѓе од тоа време. Најстарите фотографии од оваа тематска изложба кои отсликуваат еден поинаков Охрид,  хронолошки датираат од 1940-1941 година па се до некаде педесеттите години.

По овој повод разговаравме со директорот на установата, Никола Митровиќ Бабе кој истакна дека ваквите урбани изложби се посебен тренд во архивистичкото работење и во она што значи урбано работење или поблизок однос со посетителот на архивот. Тој најави дека во наредниот период ќе биде организирана уште една изложба од ваков тип.

Инаку, Државниот архив, годинава одбележува 70 години од основањето. Како институција претставува значаен темел на нашата историја, култура, традиција и се она што го карактеризира националниот идентитет. По повод годишнината, Државниот архив издаде монографија „Печат на времето- 70 години државен Архив (1951-2001)“  која заинтересираните можат да ја добијат бесплатно во просториите на подрачното одделение на Државен архив Охрид.

Државниот Архив на Македонија е основан на 1 Април 1951 година, меѓутоа ако согледаме по документите, решението за основање на охридскиот Архив е 3-4 дена порано од основањето на Државниот Архив. Секој од нас треба да биде свесен за историското и културното наследство кое го поседува Историскиот Архив, истакна Митровиќ во емисијата „На муабет“.

Архивот поседува документи кои датираат дури од 14-от век, и во оваа установа како што вели Митровиќ, сите охриѓани можат да дојдат и да пронајдат нешто за нивните предци. Според него, се зголемува интересот од страна на граѓаните за она што значи архивистичкото работење, и само во минатата година е забележан пораст  на посетители.

Она што е новитет во зградата на охридскиот Архив која датира од 1977 година, е галеријата во која се изложени стари документи, записи од архивските работници кои продефилирале во Архивот и сведоштва за архивското работење низ текот на времето.

 

Поради депонирање на голем број на архивски документи, галеријата која постоела била пренаменета за Депо, така да охридскиот Архив немаше своја галерија. Моја цел беше да не биде типичен канцелариски пристап до oхридскиот Архив, туку оние што ќе дојдат да имаат ако сакаат да  посветат време и да видат што претставува архивот. Затоа ја направивме оваа галерија на врвот од ова прекрасно архитектонско здание, каде што имаме две движечки поставки, односно поставки каде што може да се менува тематиката, фотографии, документи итн, додека една поставка е секогаш статична и таа сведочи за сите оние архивски работници и архивско работење низ текот на времето, вели Митровиќ.

Тој како вљубеник во градот Охрид додава дека Архивот е отворена институција во која се добредојдени сите. Како што вели, причина за посета на Архивот, не треба да биде само потребата од одреден документ, туку граѓаните да го посетат и како музеј на пишани документи.

 

 

Кристина Алексиеска