Во ова издание на емисијата „На муабет“ гостува  Наташа Попоска Карче. Таа е стоматолог по професија, а исклучителен талент и вљубеник во уметноста. Преку нејзините слики ја изразува смелоста да зачекори во едни поинакви хоризонти во светот на боите. Вели, дека не се ограничува со стил, туку слика се она што и ја одразува душата и себеизразувањето го пресликува на платно. За неа како уметник најважен е моментот кој е прикажан на сликата, а импресиите ги остава на индивидуата.

Наташа ни раскажува за паралелата помеѓу стоматологијата и ликовната уметност, за нејзините почетоци во уметничкото изразување и за тоа што ја инспирира. Нејзината прва изложба насловена како „Четири годишни времиња“ се случува во 2016 година, а само три години подоцна во 2019-та забележува свој настап на престижната манифестација „Охридско лето“ со изложбата „Бранови и мисли“.

Разговараме и за уметноста во градот. Според Попоска Карче, во Охрид недостасува место каде што уметниците ќе можат да се изразат, вели дека градот е уметност сам по себе, но сепак треба да се изнајде начин како да се доближи уметноста до луѓето.

Охрид е уметност сам по себе. Само што ќе влезеш во Охрид, влегуваш во еден храм на култура и на уметност. Јас како поединец не можам ништо да сменам, меѓутоа сметам дека на Охрид му треба една добра синхронизација и еманципација на сите објективни и субјективни чинители на охридскиот јавен живот. Јас сметам дека на Охрид му недостасува една просторија каде што ќе можат да се остварат изложби,и  да се постават разни поставки и од нашите локални уметници, но и од странските уметници, меѓутоа да биде просторија што ќе работи во текот на целата година и ќе биде наменета само за таа цел. На овој начин ќе ја доближиме уметноста до луѓето, вели Попоска Карче.

Имено, таа забележува и  свои настапи на ликовни колонии во странство, а патувањата се уште една нејзина пасија.  Вели дека патувањето за неа не е само гледање на нови пејзажи, туку тоа е сосема друг поглед на светот,  можност за себе спознавање и поттик на креацијата на личноста.

 

 

Кристина Алексиеска