Музичкиот пат на Емилија Колоска започнува уште во средношколските денови како член на гимназискиот хор, па води кон вокални преработки, а сега е вокалист на бендот „Лилит“ кој преку необична едноставност ги привлекува и најпребирливите слушатели. Како што истакна таа во емисијата „На муабет со “, мисијата на „Лилит“ е да се шири љубов и да се надминат предрасудите.

Основата на „Лилит“ е она што многу често го забораваме, а тоа е мир и љубов, многу често помладите генерации се осврнуваат кон материјалното, а ги забораваме тие два столба: без љубов и без желба за мир генерално се е΄ залудно, барем така ние тоа го разбираме и тоа е основата на сите наши песни. „Лилит“ не е оптоварен од никакви трендови, материјалното и некакви скапи продукции туку преовладува едноставноста на нештата, вели Емилија.

Според неа, уметноста треба да ги помести границите, и да отвори некој нов хоризонт на размислување.

Емилија за себе вели дека е девојка која  ужива во добра музика, во уметност од било кој тип и  во физички активности. Таа инаку, е дел и од бендот „Балтер“ дека ова е креативен период за нив бидејќи конечно се враќаат назад меѓу луѓето и тоа не може да биде лошо за ниеден музичар.

Со Колоска разговаравме и за тоа што значеше пандемијата за музичарите. Истакнува дека овој период и влијаел да стане покреативна, ама дека исто така се изразиле недостатоците на системот кои предизвикаа и бројни проблеми за музичарите.

Имавме доста инспирација периодов и време да поработиме на идеи. Финансискиот аспект на кризата се почувствува и кај нас, музичарите останаа дома цела една година, а државата немаше слух за нивните проблеми па мораше да се организираат здруженија, па сега и Комора на музичарите за нивните права да бидат почитувани. Од тоа што го знам е тоа дека местото на музичарите со формирањето на Комората конечно ќе се утврди во државата, нема да бидеме веќе група оставена на маргините чиј глас не е слушнат туку ќе добиеме малку повисоко ниво на признание кое требаше да се случи од многу поодамна, истакна Емилија.

Таа додава дека луѓето треба да бидат она што се. Остварувањето на креативниот потенцијал останува на индивидуата, вели нашата соговорничка. Емилија, инаку,  е и фитнес тренер, а музиката и вежбањето ги спојува со љубов и добра организација. Колоска најави дека наскоро „Лилит“ ќе го издаде новиот албум кој ќе го носи името „Чудо“

 

„На муабет со “ Емилија Колоска

Кристина Алексиеска