До 16 часот денеска најмногу воден талог на метар квадратен во земјата паднал во Охрид. Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи – УХМР, за девет часа во Охрид наврнале 10 литри дожд на метар квадратен, следи Прилеп со 9, Д. Капија 8, Берово 7, Претор 6…
Од последните информации добиени од хидролошките набљудувачи, насекаде имаме високи водостои, натпросечни за овој дел од годината, со опасност од локални излевања. Во горните текови (горните делови од сливовите) притисокот на водениот бран попушта и врвот на бранот се спушта низводно по течението на поголемите реки. – информира УХМР.
Интензивните врнежи од дожд на полетокот од Новата година придонесоа за делумно стабилизирање на хидролошката состојба на Охридското Езеро. За една седмица нивото на Охридското Езеро бележи раст од 9 сантиметри и денеска е на кота 693,20 м.н.в., што е 18 сантиметри под просекот за јануари (693,38 м.н.в.).
Очекуваме сите водостои кај водотеците и понатака да бидат релативно високи, а како најкритични ги посочуваме реките Вардар горен и среден тек, р.Треска, р.Лепенец, р.Пчиња, р.Крива, р.Црна, р.Радика, р.Сатеска. Во текот на ноќта очекуваме намалување на врнежите, а со тоа и притисокот на врнежите врз исткувањата ќе се намали. Водениот бран ќе се префрли во долните делови од сливовите. – посочуваат од УХМР.
Во рамниците има појава на заезерување на одредени површини, а има и локални излевања кај повеќето водотеци низ државата, па поради тоа и понатака УХМР предупредува на внимателно движење покрај водотеците суводолиците и во клисурите, поради можност од појава на големи води, излевања, свлечишта и одрони.
OhridNews