15 случаи на сезонски грип се пријавени во државава во текот на 42 недела од 2021 година (од 18.10-24.10.2021), од кои 14 во Охрид, а едно лице во Дебар информираат од Институтот за јавно здравје.
Од регистрираните заболени лица, 11 се на возраст од 15-64 години, 2 лица од возрасната група од 5-14 години и 2 лица над 65 години. Како што велат од ИЈЗ , бројката на дијагностицирани пациенти со сезонски грип во моментов не е загрижувачка и е очекувана за овој период од годината споредбено со минатата година.
Кумулативно, од почетокот на сезоната на грип, пријавен е 21 случај на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грип. Најмногу од пријавените до сега се од Охрид, односно 14 лица , 6 лица биле пријавени од Гостивар и едно лице од Дебар. Според возрасната група, најголем дел од пријавените или 13 лица се на возраст од 15-64 години, информираат од ИЈЗ
Во текот на 42-ра извештајна недела во ИЈЗ пристигнати се 224 материјали од кои 6 се паралелно тестирани за грип и за Ковид-19 и истите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот. Од почетокот на сезоната на грип до лабораторијата на ИЈЗ биле пристигнати 451 материјал кои се паралелно тестирани за грип и за Ковид-19 и сите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот, велат од ИЈЗ.
Институтот за јавно здравје препорачува дека најдобра заштита од сезонски грип е вакцинацијата особено за лицата со хронични заболувања и лицата со состојби на намален имунитет. Од Министерството за здравство велат дека може да се вакцинираат и веќе вакцинираните лица против Ковид-19.
Препораката од комисијата за имунизација е дека граѓаните кои се вакцинирале со вакцина против Ковид-19, во рок од две недели, односно 14 дена, по примената втора доза, може да се вакцинираат со вакцина против сезонски грип, потенцираат од Министерството за здравство.
Од таму велат дека е потпишан договор за набавка на 40.000 дози четиривалентени вакцини против грип кои ќе бидат бесплатни за загрозените категории граѓани, лицата постари од 65 години, хронично болните, трудниците и децата од шест месеци до пет години, но испораката и достапноста на вакцините зависи од производителите, иако од ресорното Министерство навремено ја спровеле постапката за набавка.
OhridNews