Најмногу дожд изминатото деноноќие наврна во Охрид и Дебар, а снежна покривка има на Попова Шапка.

Според информациите на УХМР во Охрид се наврнати 26 л/м2, 22 во Дебар, 19 Претор и Пожаране, 18 Берово, 17 Битола и Крушево, 14 Прилеп, 12 Струмица и Дојран, 11 Демир Капија, девет Тетово, осум Крива Паланка и Штип, шест Скопје-Зајчев Рид, четири Куманово и два Скопје-Петровец. На Попова Шапка висината на снежната покривка утрово изнесува 46 сантиметри.

Од обилните врнежи се зголеми нивото на реките и подземните води, како и издашноста на изворите. Околината на Билјанини извори соноќа беше под вода која се слеваше од сите страни во каналот Студенчишта.

Утринската температура во целата земја била над нула. Во Охрид достигна пет степени.

Во текот на денот ќе се задржи облачно со врнежи од дожд. Врнежите пообилни ќе бидат во северните и северозападните делови каде локално се очекува да наврнат и над 30 л/м2. Врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со засилен ветер, кој на места ќе достигнува брзина и над 70 км/час.

Максималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13 степени.

OhridNews