Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата-Охрид, денеска ја продолжува националната кампања, што се одржува во рамки на неделата за безбедност во сообраќајот „Го сакам градот безбеден“.

Денешните активности се посветени на најмладите од детските градинки. За нив е предвиден едукативен сообраќаен час што ќе го реализираат претставници од Советот и полициски службеник од полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Охрид. Едукативниот сообраќаен час ќе се спроведе низ возење со панорамскиот автобус по сообраќајниците во градот и надвор од населеното место, при што, полицискиот службеник на најмладите ќе им одржи типизирано интерактивно предавање за сообраќајот.

Покрај панорамското разгледување на Охрид, оваа активност има едукативен карактер и има за цел поцелосно запознавање на најмладите со сообраќајната инфраструктура во градот, информирање за значењето на автобусот како најкористено превозно средство во светски рамки, потсетување за потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи и влијание врз свеста кај најмладите за подигнување на безбедносната култура, информираат од Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот.

OhridNews