Влатко Неделков, најдобриот дефанзивен играч во редовите на АМАК СП, почетоците во кошарката ги направил на 14 годишна возраст а пошироката кошаркарска јавност го знае по настапите во кадетската репрезентација. За себе вели дека е среќен човек „Животот ми е исполнет со кошарката, другарите, пријателите а најсреќен ме прават мојата девојка Соња и тригодишната внука Матеја“

Зад него нестојат големи бројки но публиката го сака поради неговата енергичност, борбеност и желба да се совлада противникот.

– По природа сум темпераментен и за мене нема пораз. Сета таа енергија ја пренесувам на терен. Доколку имам улога во поентирањето на моите соиграчи кои имаат задача да постигнуваат кошеви а тоа најчесто се Џарид и Фрај тогаш навистина сум задоволен од мојата игра без разлика на поените кои ќе се запишат зад моето име , вели велешанецот Влатче кој кошаркарската кариера ја започнал во Жито Вардар, три години потоа поминал во ФОН Струга додека минатата сезона од Фени Индустри премина во АМАК СП.

Посебно мотивирачки за мене се натпреварите против мојот поранешен тим Фени Индустри. Целиот свој „бес“ го изразив на последниот натпревар кој го одигравме дома и верувајте ми да се победи освојувачот на Купот на Македонија не е мала работа. Од тогаш ме препознаваат на улица и не ретко ме застануваат да ми честитаат за победата и добрата игра, вели Неделков.



За него вистинско задоволство е да се биде дел од тимот кој ја испишува кошаркарската историја во Охрид.
Играм за охридската публика која дефинитивно е најдобрата во земјава, публика која е најголемиот „виновник“за сите успеси кои ги постигнавме на домашен терен. Охрид дефинитивно станува спортски град што е мотив плус да се постигнуваат резултати.


Според него АМАК СП е тимот во кој сака да ја продолжи и следната сезона. Задоволен од условите но и од управата и претседателот на Клубот Венко Шапкар кои направиле се овие млади кошаркари да прераснат во вистински професионалци, вели „ не размислувам каде понатаму тука во АМАК СП радо би останал “

Инаку и покрај тоа што поголем дел од времето го поминува во сала, на тренинзи и утакмици, Неделков е апсолвент на правосудните студии на ФОН. Во слободно време најчесто е на кафе со пријателите во Аквариус, Кадмо и Ликвид а чест посетител е и во кладилниците. Поразот на Манчестер може навистина да го изнервира но, како што вели тоа е тимот за сигурна добивка.

Неговото мото е „прави се што мислиш дека е добро“ Неподнесува лаги и дволични луѓе па поради тоа среќен е што е опкружен со вистински пријатели.

                                                                                        М.П/С.В.