Егзон Белица беше дел од Фудбалскиот клуб Охрид 2004 кога „рибарите“ се натпреваруваа во Првата лига, потоа замина во романската Конкордија, а во Македонија се врати откако ја засили тетовска Шкендија.

Мирен, сталожен, расположен приватно, а максимално концетриран, беспрекорен и непоштедлив кога е теренот. Белица, кој доаѓа од Струга за Охрид го врзуваат убави спомени.

– Во Охрид бев на сведок на се и сешто. Екипата беше составена од играчи од регионот што беше голем плус бидејќи одлично се познававме уште пред да бидеме заедно во тим. Вистинска штета е што така неславно заврши, а за мене лично тој период делуваше многу мотивирачки во понатамошниот дел од кариерата – рече Белица.

Стружанецот во Охрид го доведоа десетдневните подготовки на Шкендија, а ги заокружија со убедлива победа над Зајаз 5-0.

– Десетте дена минати во Охрид вредат цела сезона. Работевме напорно и многу интензивно. Сите сме задоволни што се одеше според планот и заврши со победа над Зајаз 5-0. Деновите поминати заедно со екипата се многу повеќе него подготовките. Тогаш во преден план доаѓа дружењето и меѓусебно запознавање за што подобро функционирање на теренот – изјави дефанзивецот.

Со доаѓањето на нов моќен спонзор во екипата и доведување на нови фудбалери порастија апетитите на сите, а Белица не го крие тоа.

– Нашите амбиции се високи, не говориме со што ќе се задоволиме, но сакаме да завршиме што погоре на табелата во Првата македонска фудбалска лига – заврши Белица.

Михаил Постоловски