Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани цигари, рамки за очила, очила за сонце, парфеми, мобилни телефони, облека, автоделови, регистарски таблички, додатоци на исхраната и фалсификати.
На граничниот премин Ќафасан, при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин пријавен за влез во државата, од страна на мобилните царински тимови откриени се три нови мобилни телефони iPHONE 6S. Мобилните телефони се пронајдени во патна торба, помеѓу личните работи на патник во возилото, исто така македонски државјанин.Непријавените телефони се привремено задржани, а против прекршителот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
На граничниот премин Ќафасан изминатите денови откриен е уште еден обид за криумчарење. Станува збор за девет штеки цигари Imperial Classic Red со албански акцизни маркички, кои биле откриени при контрола на албански автомобил, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата. Цигарите се пронајдени во страничните празнини на багажниот простор и под резервната гума на возилото, истите се привремено задржани, а против прекршителот е поведена прекршочна постапка.
OhridNews