Директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, по завршувањето на состанокот изјави дека биле разгледани актуелните барања на СДСМ и оти биле направени анализи од повеќе аспекти.
Тој информираше дека во текот на денешниот ден Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи седница, бидејќи, како што рече, тоа прашање треба да помине низ органите на партијата.
„Беше направена анализа на различни аспекти, кои се согледуваа од различен агол. Тоа прашање треба да помине низ органите на партијата. Во текот на утрешниот ден ќе ве информираме за одлуката на Извршниот комитет“, изјави Димовски.
Тој не го коментираше расположението на коалиционите партнери, иако вчера претседателот на ДС Павле Трајанов и портпаролот на ДУИ Ермира Мехмети изјавија дека не е време за избори.
СДСМ организираше протести во неделата, по кои побара да се донесе одлука за распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори, измени на изборниот закон со кој би се овозможиле елементарни услови за фер и демократски избори и одлука за формирање собраниска комисија за контрола и надзор врз избирачкиот список.
извор :„Макфакс“