На интернет каналот „You tube“, објавена е видео снимка за наводна корупција на лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица Зоран Заев.
Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ македонската јавност виде како политичар бара мито за да заврши работа, што претставува голем скандал, каков што до сега во Македонија немало.
-Зоран Заев бара 100 илјади евра за себе и 100 илјади евра за црквата, а под поимот црква можеби се крие партијата“, изјави на прес конференција Илија Димовски. од ВМРО ДПМНЕ.
Димовски обвини дека Заев со објавувањето на прислушуваните телефонски разговори на владини функционери, сака да се спаси од кривична одговорност и го повика лидерот на СДСМ да си поднесе оставка
-Од него бараме да си поднесе оставка од функцијата претседател на СДСМ и од функцијата градоначалник на Струмица. Така ќе овозможи истрагата и сите постапки да бидат објективни и транспарентни и без никакво политичко влијание. Само така ќе покаже дека неговите ставови се принципиелни. Во спротивно, сé што досега го зборуваше, му паѓа во вода. Одговорни политичари по вакво видео поднесуваат оставка. Тоа што го барал од другите, мора и сам да го направи.- рече Димовски.
Според Заев објавувањето на снимката е очаен потег на Груевски да ја дефокусира јавноста од актуелната политичка криза. Тој тврди дека снимката е прибавена со ПИМ мерки, но доколку истата биле целосно објавена, ќе се види дека средствата за кои станува збор се однесуваат за градежни материјали за изградба на црква.
-Соочен со сопствениот очај, со цел да ја спаси својата кожа, Никола Груевски повторно ги крши Уставот и законите. Денес сме сведоци на уште едно незаконско објавување на дел од снимка добиена како посебна истражна мерка. Оваа снимка единствено можела да протече во јавноста од Јавното обвинителство или Министерството за внатрешни работи.- рече лидерот на најголемата опозициска партија.
Тој истакна дека изградбата на соборниот храм во Струмица се изведува преку донации од фирми и граѓани и тоа преку донација на сметка на храмот, преку купување на градежни материјали за изградба на храмот и нивно донирање и преку донирање готови пари за купување на градежни материјали.
-Во прилог ќе добите ЦД со моја изјава како го објаснувам начинот на финансирање на изградба на црквата и записникот за пријавување на обидот за поткуп и поднесената кривична пријава против Иван Николов.-изјави за медиумите Заев, пренесува „Макфакс“.
Според него протекувањето на оваа и другите снимки набавени со ПИМ (посебни истражни мерки) мерки во јавноста, е само уште еден аргумент дека Марко Зврлевски, Јован Илиевски и нивниот наредбодавател Никола Груевски веднаш треба да поднесат оставки.
OhridNews