Во рамки на придружната програма на 52.Струшки вечери на поезијата, на најголемата светска поетска манифестацијата која ја промовира моќта на јазикот, викендов во Струга беше промовиран новиот, шести по ред број на активистичкото списание „Лице в лице“.
Вниманието на јавноста и случајните минувачи беше привлечено со подготвениот перфоманс од членовите на Здружението Иницијатива за независен културен активизам ИНКА, што беше изненадување за граѓаните на Струга кои со задоволство го проследија. За присутните кои покажаа интерес да рецитираат поезија на самиот настан, следуваа подароци „поетски маички“, кои беа поделени на самата промоција, по изведбата на перформансот.
Промотори на новиот број на списанието беа писателите Лидија Димковска и Владимир Мартиновски, како и првата Македонка – подводен археолог, Валентина Тодороска и книжевната критичарка Мерсиха Исмајлоска, членки на здружението „Сороптимист“. Токму преку ова здружение, продавачите на „Лице в лице“ ќе имаат полесен пристап за продажба на магазинот во компаниите кои се лоцирани во Охрид и во Струга.
Во фокусот на новото издание на списанието се малите јазици и улогата која тие ја имаат во зачувување на различностите низ светот.