Судскиот процес за најголемата бродска несреќа во историјата на Македонија, што вчера требаше да почне во Основниот суд во Охрид, предизвика голем медиумски интерес.

Покрај бројните домашни новинари, во Охрид допатуваа претставници на повеќе бугарски медиуми. Дел од нив некоректно се однесуваа кон македонските колеги оневозможувајќи ги професионално да си ја вршат работата. Најдалеку отиде една бугарска телевизија која емитуваше прилог снимен на бродот „Илинден“, кој е запленет со судски налог и закотвен во непосредна близина на центарот за обука на вода на АРМ. На ова реагираше одбраната на обвинетиот капетан, според која е извршен неовластен упад на пловниот објект со што можат да се девалвираат докази кои бранителите имаат намера да ги изнесат во текот на судската постапка, во која не е исклучено да се побара и дополнително вештачење на Илинден.


Кој дозволил да се снима на „Илинден“?

Инаку, првото рочиште од судскоот процес за потонувањето на бродот „Илинден“, вчера не се одржа поради отсуство на второ-обвинетиот Бранко Бајиќ. Судијката Милка Танеска, која го води предметот, судењето го презакажа за 18-ти јануари 2011 година.