На бродот „Илинден“ кој под обезбедување се чува во каналот Студенчишта во наредните неколку дена нема да има активности. Штабот на МВР формиран да ја координира истрагата е повлечен, а екипата на хрватската компанија „Дубина“ која го изврши извлекувањето на бродот Илинден, како и бугарските експертите кои ја набљудуваа целокупната постапка си заминаа од Охрид.
Како што е најавено, во претстојниот период ќе продолжи распитот на сведоци и лица кои можат да имаат корисни информации за истрагата, а македонско-хрватско-словенечка комисија ќе врши биохемиски анализи на материјалите од бродот, вклучително и на моторот, системот за управување и сајлата за која беше посочено дека е една од можните причини за несреќата.