Во црква од XIV век посветена на Пресвета Богородица на островот Ахил во грчкиот дел од Преспанското Езеро, пронајдена е фреска од Свети Климент, на која за прв пат тој е именуван како Архиепископ Охридски. Ова значајно откритие кое го документираше реномираниот историчар на уметност од охридскиот Завод и Музеј, Гоце Ангеличин Жура, се смета за непобитен доказ со кој можеби се потврдуваат научните претпоставки дека Свети Климент Охридски навистина е основачот на самостојната македоснака црква.


Гоце Ангеличин – Жура

Досега според податоците во светската наука Свети Климент е пишуван како Свети Климент Охридски, Тивриополски, Дидаскалос или учител,  Велички, Деволски или Епископ Словенски, но уникатно за ова откритие е тоа што Свети Климент е потпишан како Архиепископ Охридски. Ова е единствен ваков натпис започнувајќи од XI до IXX век, со што можеби се потврдува дека Свети Климент бил првиот охридски архиепископ на Македонската патријаршија после Јустинијана Прима, што е од извонредно значење за нашата културна историја, вели Жура.


Свети Климент Архиепископ Охридски

Култот на Свети Климент на овие простори е голем, објаснува Жура, а најсилен култот кон овој светец е токму во Охрид кој Свети Климент го има  за свој заштитник. Свети Климент Охридски е патрон и на Македонската православна црква . Првиот македонски архиепископ, во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, исто така е најзначајниот средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Г. Момироски