Вчера на градскиот плоштад во Охрид, локалното Здружение за заштита на животните „Анималиа“, организира јавен настан од едукативен карактер, чија примарна цел беше подигнување на јавната свест кај населението за проблемот кој градот го има со бездомните животни.
Покрај акцијата за вдомување, во рамките на овој настан, присутните се запознаа со тековните активности на „Анималиа“, а голем број љубители на животни, пред се странски државјани, донираа финансиски средства кои ќе бидат употребени во насока на релизација на предвидените проекти.
„Целта на денешната акција е да ги запознаеме граѓаните со нашата работа, да вдомиме дел од кучињата кои што ги чуваме во кафезите, да собереме донации за случаите кои ги имаме. Во моментов лекуваме еден вучјак, а исто така вклучени сме во акцијата за спас на повреден лебед. За оние кои донираат даруваме чаши, торбичиња и марамчиња со логото на коалицијата. Интерес постои, но истиот е поизразен кај странските државјани, бидејќи повеќето се навикнати на вакви акции. Се надеваме дека во идниот период, поголем интерес ќе пројави и локалното население.“- изјави Димитар Ставрески од локалното Здружение „Анималиа“.
Едно од кучињата вдомено во Кавадарци
Она што радува по вчерашната акција, е тоа што едно од бездомните кучиња, за кое во изминатиов период се грижеа самите активисти, заврши во рацете на кавадарчанец, љубител на животните.
„На крајот на настанот, успеавме да му најдеме дом на најмалото кутре. Инаку, собираме донации за кученцата од кафезите и оние кои се наоѓаат по улиците, а дел од тие средства ќе ги искористиме за покривање на материјални и финансиски трошоци кои ги направивме за лечење на кученце, односно за повредениот лебед.“ – рече Климент Арнаудов, активист на „Анималиа“.
Подигнување на јавната свест
Во летниот период, штандот на кој ќе се делат едукативни флаери за бездомните животни, почесто ќе биде на градскиот плоштад во Охрид.
„Преку низа акции ќе пробаме да ја подигнеме свеста кај граѓаните, а преку странците, ќе се обидеме да се поврземе со други фондации, организации и здруженија, кои што ќе ни се потребни доколку сакаме да изградиме соодветно прифатилиште. Посетувајте не, нема да згрешите ако ги отворите вашите срца.“ – потенцира Арнаудов.
Неколку кучиња згрижени во кафезите на „Анималиа“
Во моментов, „Анималиа“ располага со пет кафези, каде привремено се згрижени неколку животни од градските улици.
„Низ градот можат да се забалежат повеќе кучиња, но не можеме сите да ги прибереме, бидејќи условите се тие што се. Контактираме со општината, за да се зголеми сериозноста на оваа проблематика. Оптимисти сме, ентузијасти, не се откажуваме додека не создадеме соодветни услови во склоп со Законот за заштита и благосостојба на животните.“ – децидни се од „Анималиа“.
Стерилизација и кастрација
Активистите на „Анималиа“ од скоро време започнаа со стерилизација и кастрација на дел од уличните кучиња.
„Полека, доколку стигнеме до солидна броја на финансиски средства преку овие донации, ќе продолжиме со таа акција, затоа што тоа е единствено решение за контрола на бездомните животни.“ – потенцира Арнаудов.
Пребројување на кучињата
По примерот на Агенцијата за храна и ветеринарство, во идниот период се најавува спроведување акција за проценка на популацијата на кучиња на територијата на општина Охрид.
„Тоа ни е една замисла, која во иднина сакаме да ја реализираме со цел да го поттикнеме тоа одговорно сопствеништво. Да изработиме бројка на бездомни животни, но и на оние кои што се вдомени, затоа што грото од проблемите се резултат на неодговорни сопственици на домашни миленици.“ – велат од „Анималиа“.
Во Охрид поединечни, во Струга масовни труења на животните
Во изминатиот период, коалицијата од здруженија за заштита на животни „Заедно за животните, заедно за граѓаните“ најостро ги осуди труењата на животни кои интензивно се случуваа во неколку градови ширум земјава. Арнаудов објаснува дека за разлика од Охрид, каде се регистирани поединечни труења, во соседна Струга извршен е „геноцид“ на уличните „миленици“.
„Во Охрид во последно време немаме масовни труења, туку поединечни. Тешо е да се открие злосторникот, меѓутоа истрајни сме заедно со Здружението од Струга, да притиснеме и да откриеме барем еден од нив, за тоа да делува поучно кон оние безчувствителни луѓе. Психолошки, оддамна е докажано, дека оној кој труе животни, лесно би посегнал и по животот на човекот.“ – објаснува Арнаудов.
O.T.