Голем интерес од охриѓани, но и од странските гости и туристи за денешното одбележување на Светскиот ден по прва помош, кое во организација на Црвен крст Охрид се одржа на Градскиот плоштад „Св.Климент Охридски“ во Охрид.

Волонтерите на Црвен крст Охрид од Клубот на млади, обучени за укажување прва помош, нивните едукатори, како и едукатори за прва помош од Црвен крст Зеволде, Холандија, од организациите на Црвен
крст од Суботица, Крагуевац и Ужице, Србија и Црвен крст Бар, Црна Гора, кои деновиве ја следат напредната обука за прва помош во Црвен крст Охрид, пред присутните ги презентираа најновите знаења, протоколи и техники за кардио пулмонална реанимација (CPR) и укажување на прва помош на лица со повреда на екстремитети. Тимот за реалистичен приказ на повреди се погрижи повредите да изгледаат како во реални ситуации.

Црвен крст Охрид преку организирање на обуки за прва помош продолжува со своите приоритетни заложби да ги шири знаењата и вештините за укажување на прва помош со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди. Првата помош претставува витална иницијална интервенција која помага во намалување на повредите и зголемување на шансите за преживување во настанатата ситуација во која животот на поединецот или група на луѓе е во опасност. Хуманата димензија денес беше заокружена и со 12 единици дарувана крв од хумани наши сограѓани, на крводарителска акција која во организација на Црвен крст Охрид и со поддршка на Трансфузиолошката служба од Охрид се реализира во Центарот за култура „Григор Прличев“, посочуваат од Црвен крст Охрид.

Потенцираат дека секоја година на милиони луѓе им е нанесена повреда или им е одземен животот поради несоодветен одговор или недостаток на навремено укажана прва помош.

Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени за укажување на прва помош. Поседувањето на вештини за укажување на прва помош ги зголемува индивидуалните капацитите на секој човек за преземеање на брза акција со цел намалување или стабилизирање на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување на повредениот, додаваат од Црвен крст Охрид.

OhridNews