Голем број верници денеска присуствуваа на црковно народниот собир што по повод големиот христијански празник Свети Великомаченик Димитрија се одржа на градскиот плоштад на просторот на кој се наоѓа импровизираната црква посветена на овој светец.
По повод празникот Иницијативниот одбор за возобновување на црквата Свети Димитрија денеска организараше ручек за големиот број верници а во културно забавниот дел настапија повеќе естрадни уметници од Охрид.
Претседателот на Иницијативниот одбор, Никола Вељаноски најави дека возобновувањето на Црквата Свети Димитрија ќе се случи многу брзо, најверојатно по Нова година.
„На повидок е уште еден свет храм кој верувам за брзо време ќе биде подигнат на градскиот плоштад. Админмистративните работи се при крај, очекуваме наскоро да ја докомплетираме потребната документација и да го поставиме камен темелникот на црквата Свети Димитрија“, рече Вељаноски.
Тоа е всушност возобновување на црквата Свети Димитрија која на овој простор била подигната во шестиот век, а со што ние всушност ја продолжуваме иницијативата на поранешниот градоначалник на Охрид Аспарух Каневче, додава Вељаноски. Вељаноски вели дека Иницијативниот одбор никогаш немал задни намери.
„Ние си ја теравме светата работа со помош на Бога и затоа како и во минатото така и денеска многу верници почитувачи на Македонската православна црква, заедно со градоначалникот, свештениците, се собравме тука и достоинствено го одбележавме Митровден“, рече Вељаноски.
Вељаноски вели дека возобновувањето ќе биде направено по закон и со благослов на МПЦ. Побаравме благослов од владиката Тимотеј и го замоливме оваа црква исклучиво да биде за свечености, за крштевки, венчавки и слично, а не за погреби и задуши, за таа намена има други цркви, рече Вељаноски.
Г. Момироски
фото: С. Костоски и „Фото Рекс“